зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото 1 Солунjани 4:16

Кога седеше пак на Маслиновата Гора, Неговите ученици дојдоа при Него насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на свршетокот на векот?” И Исус одговори и им рече: „Гледајте да не ве заблуди некој; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: „Јас Сум Христос,” и ќе заблудат мнозина. […]зашто тогаш ќе биде голема мака, каква не била од создавањето на светот досега, ниту ќе биде. И ако не би се скратиле тие дни, не би се спасило ниедно тело. Но заради избраните ќе бидат скратени тие дни.” ”Ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, Христос е тука’ или ‘таму’- не верувајте, зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, па ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните. Матеj 24:3-5, 21-24

И видов друг ѕвер, како излегува од земјата, и имаше два рога, како кај јагне, а зборуваше како змев. И тој ја вршеше власта на првиот Ѕвер, пред него, и направи земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот Ѕвер, чија смртоносна рана беше залечена. И правеше големи чуда, така што и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. Откровение 13:11-13

Ете, ви реков однапред! […]Вистина ви велам, ова поколение нема да помине додека не се збидне сè тоа. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.” ”А за оној ден и час, никој не знае, ни небесните ангели, а само Мојот Татко. Како во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓањето на Човечкиот Син. Зашто, како во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и мажеа, до денот кога Ное влезе во ковчегот, и не знаеја додека не дојде потопот и однесе сè, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син. Матеj 24:25, 34-39

Зашто ова ви го кажуваме преку словото на Господа, дека ние, кои живееме и остануваме до Господовото доаѓање, нема да отидеме пред оние кои умреле; зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото […] 1 Солунjани 4:15-16

Господ ќе загрми со величествен глас […] Исаиjа 30:30

И тогаш ќе се јави на небото знакот на Човечкиот Син; и тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Човечкиот Син, како доаѓа на небесните облаци, со сила и со голема слава. И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас на труба и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот.” Матеj 24:30-31

во еден миг, во миг на окото, при гласот на последната труба: имено трубата ќе затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме, 1 Коринтjани 15:52

Трубете во труба на Сион! Дајте тревога на светата ми гора! Нека треперат сите жители на земјата, зашто доаѓа Господовнот ден. Да, тој е близу. Jоил 2:1

„Но и сега - Господово е словото - вратете се кон Мене со сето свое срце во пост, плач и ридање.” Раскинете ги срцата, а не своите облеки! Обратете Му се на Бога, вашиот Бог, зашто Тој е добар и многумилостив, […]. Jоил 2:12-13

Кој Бог е како Ти Кој го проштава беззаконието, […]Уште еднаш, имај милост за нас! Сотри ги нашите беззаконија, фрли ги на дното на морето сите наши гревови! Михеj 7:18-19

[…] И Нема друг Бог освен Мене; праведен Бог и Спасител нема освен Мене. Обратете се кон Мене за да се спасите, сите краишта на земјата, зашто Јас Сум Бог и нема друг! Исаиjа 45:21-22

Немаме ли сите еден татко? Не нè создаде ли еден Бог? […] Малахиjа 2:10

Или Бог е само на Јудејците, а не и на народите? Да, и на народите, Римjаните 3:29

Што тогаш! Дали имаме предност? Никако, зашто веќе ги обвинуваме Јудејците и Грците, дека се сите под грев, како што е напишано: „Нема никој праведен, нема ниту еден; нема разумен, нема кој да Го бара Бога; сите застранија, сите заедно станаа неполезни, нема кој да прави добро, нема ниту еден.” […]зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава, но се оправдуваат од Неговата благодат […] Римjаните 3:9-12, 23-24

Зашто по благодат сте спасени, преку верата, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар! Не од делата, за да не се фали некој. Ефесjани 2:8-9

зашто Писмото вели: „Секој, кој верува во Него, нема да се засрами.” Но нема разлика меѓу Јудеец и Грк; зашто еден и ист е Господ на сите; богат за сите, кои Го повикуваат, зашто: „Секој, кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.” Римjаните 10:11-13

Зашто Ти си, Господи, добар и проштаваш со задоволство, полн си со љубов кон сите, кои Те повикуваат. Псалм 86:5

Ова е добро и угодно пред Бога, нашиот Спасител, Кој сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познавање на вистината. Зашто Бог е Еден , и Еден е Посредникот меѓу Бога и луѓето: Човекот Христос Исус, Кој се даде Себеси како откуп за сите […] 1 Тимотеj 2:3-6

[…]нема друг Бог освен Единиот. Зашто, ако и има таканаречени богови, било на небото, било на земјата, како што има многу богови и многу господари, но, ние имаме еден Бог, Татко, од Кого е сè и за Кого сме ние, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сè, и преку Кого сме и ние. Но, сите го немаат ова знаење. […] 1 Коринтjани 8:4-7

”Јас, Исус, го испратив Својот ангел, да ви го посведочи ова на црквите. Јас Сум корен и род Давидов; сјајната ѕвезда Деница!” Духот и невестата велат: „Дојди!” И кој слуша нека рече: „Дојди!” И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе дарум од водата на животот! Откровение 22:16-17

кога ќе го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги Неговите заповеди и Неговите наредби запишани во книжен свиток на овој Закон, односно кога ќе му се обрнеш на Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа.” „Оваа заповед, што ти ја давам денес, не е длабока за тебе ниту е предалеку од тебе. Не е на небесата, за да би рекол: ‘Кој ќе се искачи за нас на небесата, па да ни ја објави за да ја вршиме.’ Не е ни преку море, за да би можел да речеш: ‘Кој ќе тргне за нас преку море, за да ни ја донесе и да ни ја објави па да ја вршиме!’ Зашто, заповедта е сосем близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце, за да ја извршуваш.” „Гледај! Денес ставам пред тебе: живот и среќа, смрт и несреќа. […]И така, избери го животот, љубејки Го Господа, својот Бог, за да живееш […] Второзаконие 30:10-15,19-20

И чув силен глас од небото, велејќи: „Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето; и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ, и Самиот Бог ќе биде со нив, и ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина. И Оној, Кој седи на престолот рече: „Ете, правам сè ново.” Уште рече: „Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити!” И ми рече: „Се заврши! Јас Сум Алфа и Омега; Почеток и Свршеток. Јас ќе му дадам на жедниот, дарум, од изворот на водата на животот. Откровение 21:3-6

Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше.” Гласот наложува: „Викај!” Одговорив: „Што да викам?” - „Секое тело е како трева, неговата сета убавина е како полски цвет. Тревата се суши, цветот свенува, кога Господовиот здив ќе помине преку нив. Навистина, народот е трева. Тревата се суши, цветот овенува, но Словото на нашиот Бог останува довека.” Исаиjа 40:5-8

Зашто Божјото Слово е живо, и делотворно, и поостро од секој меч остар од двете страни, и навлегува до разделувањето на душата и духот, на зглобовите и на мозокот; и ги суди мислите и намерите на срцето, и нема создание кое е невидливо пред Него; туку сè е голо и откриено пред очите на Оној, пред Кого ние ќе дадеме сметка. Евреите 4:12-13

Барајте Го Господа додека може да се најде, повикувајте Го додека е близу! Безбожникот нека го остави својот пат, а неправедникот своите замисли. Нека се врати при Господа, Кој ќе му се смилува, кон нашиот Бог, зашто Тој ќе го умножи опростувањето. Исаиjа 55:6-7

Библиjа: (Свето писмо): Стариот и Новиот завет / превод Д.Х.Константинов - Битола Еуролибер, 1999.